| Пребарување |
|---|
| Актуелно |
|---|
| Анкета |
|---|
| Позитивен месец |
|
Индексите на Македонската берза во
првиот месец од годинава успеаја да ги победат светските берзи. На месечно
ниво, од почетокот на годината двата акциски индекси се во позитивна
територија, МБИ10 за 3,16% и МБИД за 2,17%. Прометот можеби не е на завидно
ниво, но ценовните движења беа позитивни во текот на целиот месец. Индексите
речиси секојдневно додаваа на својата вредност и го надградуваа растот, кој
беше низок но стабилен, што веројатно е и најдобра варијанта на раст ако сакаме
во периодот што следи да избегнеме остри падови. Ваквото спротивно движење на
нашата берза во однос на светските
можеби се должи и на периодот на стагнација на нашата берза на крајот на
претходната година, кога сите светски берзи растеа, па на некој начин сега го
надоместуваме тоа заостанување. Што се однесува до движењето на индексите за
изминатата недела, МБИ10 ја заврши
неделата со раст од 0,24%,
враќајки се на ниво од 2.838,80 поени. Индексот на јавно поседувани друштва МБИД порасна за 0,53%, додека индексот на обврзници
ОМБ изгуби 0,49% од вредноста.
Прометот
остварен во текот на неделата повторно слаб. Вкупно 48 милиони денари се
истргуваа во сите сегменти, од нив 33 милиони беа остварени на официјалниот
пазар, додека на редовниот пазар се истргуваа 15 милиони денари. Вкупниот
неделен промет е помал за 28% во однос на претходната недела, со намалување во
сите главни сегменти. Кај акциите од сегментот суперкотација има намалување на
прометот од 31%, односно истргувани се акции во вредност од само 7 милиони
денари. Во делот на акциите од берзанската котација прометот е помал за речиси
20%, додека вкупниот промет на официјалниот пазар е за 37% помал од истиот
остварен во претходната недела што е резултат на потфрлањето во сегментот на
обврзници. Прометот на акциите што го сочинуваат индексот МБИ 10 е намален за 27%,
додека прометот кај МБИД е зголемен за 12%. Иако намалениот промет не би
сугерирал такво нешто, сепак вкупниот број на склучените трансакции е зголемен
за 1,4% во однос на претходната недела.
Во
такви услови, изминатата недела повторно најтргувана беше акцијата на Алкалоид
со остварен промет од 6,4 милиони денари. Веднаш зад неа е акцијата на НЛБ
Тутунска банка која оствари промет од 5,7 милиони денари. Промет над 5 милиони
денари оствари уште и Комерцијална банка. Солиден промет
забележаа уште и акциите на Стопанска банка Битола и Гранит. Комерцијална банка е првата
компанија што објави резултати за целата 2009 година. Според објавениот
извештај, добивката изнесува 17,5 мил. Евра, што е помалку од претходната
година, но со оглед на општата економска ситуација е сепак одлична добивка. Да
се надеваме дека и другите компании кои во периодот што следи ќе ги објавуваат
извештаите за работење во 2009 година ќе покажат исто така добри резултати, што
би претставувало одличен поттик за сите инвеститори на нашата берза.
Кај
обврзниците остварениот промет е значајно намален и изнесуваше само 8,4 милиони
денари, што претставува пад од дури 60% во однос на прометот една недела
претходно. Сепак бројот на трансакции е зголемен за 40% што укажува на малиот
обем на поединечните трансакции. По неколкунеделниот зголемен обем на тргување,
овојпат побарувачката е намалена и падна под нивото вообичаено за овие хартии и
учеството во вкупниот промет на берзата им падна на само 16%. Најтргувана
обврзница повторно беше осмата емисија на обврзницата за денационализација која
забележа промет од речиси 6 милиони денари. Промет поголем од милион денари
забележа уште само седмата емисија за денационализација.
Димче Панов објавено во ФОРУМ на 05.02.2010 г. |



