Пребарување
Анкета
Дали Ви се допаѓа mojbroker.com.mk?
 
Advertisement

Позитивната серија продолжува

graph050210w.jpgЧетврта недела по ред светските берзи ја завршуваат со пад, што ја зголемува неизвесноста кај инвеститорите и аналитичарите. Иако во текот на неделата имаше и позитивни денови, сепак и овој месец започнува во негативна територија. Збунетост кај инвеститорите предизвикаа контрадикторните податоци што доаѓаа од различни извори во врска со невработеноста во САД и проблемите со буџетските дефицити во Европа кои влијаат на вредноста на еврото. Поради сето тоа, американскиот S&P 500 изминатата недела забележа пад од 0,3%, додека европските индекси поради домашните проблеми паднаа значително повеќе.

Кај нас пак, и овој месец започна во позитивна територија и повторно успеавме да бидеме подобри од западните пазари кои бележеа падови. Просечниот дневен промет од околу десет милиони денари сеуште не е на завидно ниво, но охрабрува тоа што во одредени денови, особено кога цените растат, истиот се зголемува. Неделата започна со четири дена непрекинато зголемување на цените и растот сигурно ќе беше и поголем ако не се случеше значаен пад на странските пазари, што предизвика поголема понуда на продажната страна и на нашиот пазар а со тоа и паѓање на цените во последниот трговски ден од неделата. Така, ако во средата главниот индекс порасна за 2,57%, во петокот истиот падна за 2,57%. На крајот, тоа сепак резултираше со позитивен нето-ефект за МБИ10 од 2,22% на неделно ниво. Индексот на јавно поседувани друштва МБИД порасна за 2,18%, додека индексот на обврзници ОМБ доби 0,30% од вредноста. 

 

Прометот остварен во текот на неделата нешто подобар од претходната, иако сеуште недоволен за позначајно придвижување на цените. Вкупниот промет изнесуваше нешто над еден милион евра и бележи раст од околу 35% во однос на претходната недела. Во согласност со зголемениот промет, и бројот на склучените трансакции е зголемен на приближно исто ниво.

Во поглед на поединечниот промет, изминатата недела изненадување беше акцијата на Гранит која оствари најголем промет, при истргувани повеќе од десет илјади акции. Ваквиот интерес на инвеститорите предизвика и солиден пораст на цената на овие акции од околу 10%, иако до крајот на неделата цената како и кај другите акции опадна. Вообичаено, следни по атрактивност беа акциите на Алкалоид и Комерцијална банка. Солиден промет кој вреди да се спомене забележаа уште и акциите на Стопанска банка Битола и Макпетрол. На неофицијалниот пазар, како и обично, и овојпат се издвоија акциите на НЛБ Тутунска банка, Македонски телеком и ФЗЦ 11 Октомври Куманово. Од помалку ликвидните изданија, оваа недела преку трансакција вредна 2,5 милиони денари, сопственикот го променија и 13.260 акции од Окитекс Скопје.

Тргувањето со обврзници беше на приближно исто ниво како и претходната недела, со тоа што имаше нешто помалку склучени трансакции. Учеството на обврзниците во вкупниот промет на берзата беше само 12%, што само по себе укажува на малиот интерес за овие хартии. Најтргувани беа обврзницата за старо девизно штедење и  осмата емисија на обврзницата за денационализација.

Димче Панов

објавено во ФОРУМ на 12.02.2010 г.