| Пребарување |
|---|
| Актуелно |
|---|
| Анкета |
|---|
| Без возбудувања |
|
Се чини дека за да стане интересно
на нашата берза, ќе мораме да почекаме подобри вести од странските пазари,
оптимистички најави во врска со политичките збиднувања или пак да го почекаме
објавувањето на годишните извештаи на нашите компании со по некоја објава за
делење на дивиденда
Овојпат и нашата берза се движеше
во ист правец со светските, но тоа повеќе може да се окарактеризира како
случајност отколку како некој ефект кој доаѓа од надворешните пазари.
Просечниот дневен промет и понатаму се движи околу десет милиони денари, што не
ни дава многу право на оптимизам дека во периодот што следи ќе се случуваат
значајни движења. Впрочем, и моменталната состојба е повеќе статус кво отколку
што може да се зборува за некакво движење. Иако цените покажуваат минимални
зголемувања на неделно ниво, сепак тоа е далеку од доволно за да предизвика
позначаен оптимизам кај инвеститорите. Па, се чини дека за да стане интересно
на нашата берза, ќе мораме да почекаме подобри вести од странските пазари,
оптимистички најави во врска со политичките збиднувања или пак да го почекаме
објавувањето на годишните извештаи на нашите компании со по некоја објава за
делење на дивиденда.
Прометот
остварен во текот на неделата на приближно исто ниво како и претходната, иако
се уште недоволен за позначајно придвижување на цените. Вкупниот промет
изнесуваше околу еден милион евра и бележи пад од околу 5% во однос на претходната
недела. Во согласност со помалиот промет, и вкупниот број на склучените
трансакции е намален.
Што
се однесува на прометот поединечните акции, изминатата недела втор пат по ред, изненади
акцијата на Гранит која оствари најголем промет, а веднаш зад неа со речиси ист
промет беше и акцијата на Алкалоид. Стопанска банка Битола беше следна по остварен
промет. Солиден промет кој вреди да се спомене забележаа уште и акциите на и Макстил
и Топлификација. Комерцијална банка пак, која досега најчесто беше лидер по
остварениот промет, оваа недела забележа само 2 милиона промет при тоа речиси
цела недела тргувајќи се во фиксинг, што доволно зборува за моменталното ниво
на ликвидност на берзата. На неофицијалниот пазар, повторно се издвоија акциите
на НЛБ Тутунска банка која со промет од 5,5 милиони денари беше најтргувана
акција на целиот пазар, додека акциите на Македонски телеком, ФЗЦ 11 Октомври
Куманово и Прилепска пивара забележаа добар промет со по околу 2 милиони денари
поединечно.
Тргувањето
со обврзници со 20 милиони денари
забележа промет повеќе од двојно поголем од претходната недела, со што прометот со овие
хартии претставува третина од вкупниот неделен промет. За ваквиот резултат
најмногу придонесе втората емисија на обврзницата за денационализација со која
беше направена една поголема трансакција и која на некој начин го спаси
овонеделниот промет од уште поголем пад. Добар промет остварија уште и обврзницата
за старо девизно штедење и третата емисија на обврзницата за денационализација.
Димче Панов објавено во ФОРУМ на 19.02.2010 г. |



