Пребарување
Анкета
Дали Ви се допаѓа mojbroker.com.mk?
 
Advertisement

Мирно, но позитивно
Карактеристичен е растот на вториот индекс, кој порасна најмногу како резултат на зголемувањето на цените на двете компании на Миттал стил кои во еден ден пораснаа за големи 20%, односно 10%
 

graph190210w.jpgВтора недела по ред светските берзи завршуваат со раст. Американскиот S&P 500 изминатата недела забележа раст од 3,1%, а растеа и европските индекси. Ова беше воедно и најголем неделен скок на индексите од почетокот на годината. Новиот оптимизам инвеститорите го најдоа во потегот на федералните резерви со покачувањето на каматните стапки кој би можел да значи дека економијата е доволно силна, како и добрите извештаи на компаниите, од кои дури 72% објавија резултати подобри од проценките на аналитичарите. Ваквиот тренд се очекува да продолжи и оваа недела, со оглед на тоа што следат објави на извештаи од компании кои би требало да прикажат добри резултати за изминатата година.

И на македонската берза продолжува позитивниот тренд, и покрај дводневниот пад на крајот од неделата. МБИ 10 индексот порасна за 1,08%, додека МБИД забележа раст од дури 5,18%. Карактеристичен е растот на вториот индекс, кој порасна најмногу како резултат на зголемувањето на цените на двете компании на Миттал стил кои во еден ден пораснаа за големи 20%, односно 10%. Сепак, дневниот промет како да се замрзна околу десет милиони денари, па тоа не дозволува некое позначајно придвижување на цените кај останатите акции. Иако од светските пазари доаѓаат позитивни сигнали, сепак имаме впечаток дека во овој момент најголемиот проблем за нашата берза, покрај неликвидноста е нерешениот проблем со името кој ги парализира инвеститорите. Во секој случај, со почетокот на објавувањето на годишните извештаи на нашите компании и очекуваното делење на дивиденди би требало пазарот да добие на динамика а со тоа и цените да се придвижат нагоре.

 

Веќе трета недела по ред прометот на берзата се движи околу еден милион евра, или поточно бележи раст од околу 4,5% во однос на претходната недела, додека вкупниот број на склучените трансакции е речиси непроменет. Иако прометот се стабилизира на споменатата бројка, може да се очекува истиот постепено да расте во наредните недели под влијание на сезонските фактори, особено што следи објавувањето на годишните извештаи на компаниите, како и одлуките за делење на дивиденди.

По подолго време, акцијата на Алкалоид оствари најголем промет на неделно ниво, над 11 милиони денари и тоа најмногу благодарение на една поголема трансакција во која сопственикот го сменија 1.400 акции на компанијата. Минатонеделниот лидер Гранит овојпат е втор. Солиден промет забележаа уште и Стопанска банка Битола, Комерцијална банка и Макпетрол, сите со промет поголем од три милиони денари. На неофицијалниот пазар, и овојпат лидер акцијата на НЛБ Тутунска банка која оствари промет од 4,8 милиони денари, додека акциите на Македонски телеком и ФЗЦ 11 Октомври Куманово забележаа добар промет од околу 3,5 и 2,5 милиони денати милиони денари, респективно.

Тргувањето со обврзници  со 13 милиони денари забележа промет помал за 30% во однос на претходната недела, со што учеството на прометот со овие хартии во вкупниот падна на само 20% од вкупниот неделен промет. Осмата емисија на обврзницата за денационализација имаше најголемо учество со над 10 милиони денари промет. Добар промет остварија уште и втората и шестата емисија на обврзницата за денационализација со промет од по 1,3 милиони денари.

Димче Панов

објавено во ФОРУМ на 26.02.2010 г.