После неколку неделисо просечен промет од околу еден милион евра, изминатата недела на
нашата берза е забележан уште помал промет. Само 52,5 милиони денари и пад од
17% на неделно ниво. Премалку за било што позначајно да може да се случи со
цените на акциите. Притоа, со денови во кои прометот беше само седум милиони
денари и без некои позначајни случувања, сигурно оваа недела ќе биде една од оние
кои повеќето од нас ќе сакаме што побрзо да ја заборавиме. Дури ни објавата на
финансиските резултати на една од најликвидните компании на берзата, Алкалиод ,
не успеа да ги раздвижи нашите инвеститори. Интересно е што Алкалоид објави
раст на приходите за 2009 година од 16% (пред се како резултат на раст на
продажбата на домашниот пазар), и соодветно на тоа и раст на добивката од 11%,
која за изминатата година изнесува 9,1 милион евра, а сепак цената на акциите
на компанијата на денот на објавата паднаа. Паралелно со обемот на тргување, и
индексите (барем оние акциските) продолжија со трендот започнат на крајот на
претходната недела. На двата негативни дена од претходната недела следеа уште
пет во оваа, односно серија од седум дена со пад на индексите, иако тоа не беа
некои големи падови што се должи и на прилично умтрвеното тргување. Taкa, МБИ 10
индексот падна за 2,80%, додека МБИД забележа пад од 2,13%. Сепак, со оглед на
вкупната ситуација во светот и во регионот и ако тоа воопшто може да биде
утеха, работите и кај нас се одвиваа како и на останатите берзи. Имено, по две
недели раст, овојпат индексите на сите позначајни берзи бележат пад како
резултат на несигурноста на инвеститорите во кој правец ќе се одвиваат
работите. И покрај тоа што неделата изобилуваше со бројни макроекономски
податоци, сепак кај инвеститорите не успеа да се создаде консензус околу
темпото на заздравување на економијата и покрај нагорното ревидирање на
американскиот БДП. Дополнително на ова, несигурност сеуште влева и проблемот со
долгот на Грција, па аналитичарите очекуваат дека ваквата несигурност и
дезориентираност ке потраат уште извесно време пред пазарите да го пронајдат
правецот.
По
неколку недели, акцијата на Гранит се враќа како лидер со остварен најголем
промет на неделно ниво, овојпат над 8 милиони денари. Втора е Комерцијална
банка, додека минатонеделниот лидер Алкалоид е трет. Солиден промет забележаа
уште и Стопанска банка Битола и Макпетрол со промет поголем од три милиони
денари а милионски промет имаше и Макстил. Оваа недела позабележително
зголемување на ликвидноста имаше кај акцијата на Реплек, која вообичаено во
овој период од годината се раздвижува највеќе како резултат на очекувањата за
дивиденда која е сосема солидна ако го имаме предвид ценовното ниво на акцијата
во моментот. На неофицијалниот пазар пак, овојпат приматот го презема акцијата на
Македонски телеком која оствари промет од 4 милиони денари, додека акциите на
НЛБ Тутунска банка и ФЗЦ 11 Октомври Куманово забележаа добар промет од околу
3, односно 2 милиони денари, респективно.
Тргувањето
со обврзницисо помалку од 9 милиони
денари забележа промет помал за 35% во однос на претходната недела. Осмата
емисија на обврзницата за денационализација имаше најголемо учество со околу
4,5 милиони денари промет. Милионски промет остварија уште и седмата и
четвртата емисија на обврзницата за денационализација.